Катарина Илиевска Силјановска, в.д. директор на театарот, на прес-конференцијата на почетокот на неделава најави дека ова е прва претстава во новата сезона на театарот, која се подготвувала темелно и подолго од вообичеано, меѓудругото и поради честите гостувања на театарот на меѓународни фестивали. 
Според режисерката Милошевски - Попова, за која ова е нејзина втора соработка со Театарот за деца и младинци, се работи за интересен текст што нуди своја верзија на основната приказна по бајката на Х.К. Андерсен, напишана во 1844-45, а која била инспирација за многу автори.

- Нашата претстава не ги дели ликовите само на добри и само на лоши, туку отвора разни прашања зошто некој лик донесува некаква важна одлука. Сметаме дека во Тетарот за деца немаме право да даваме конечни животни ставови, да наметнуваме нешто, туку да ги провоцираме децата да размислуваат на тема што е добро да се направи, а што не, да одлучат сами кој е нивниот пат, а ние како родители сме тука да ги поддржиме. Се обидовме во претсатавата со сите автори да ги научиме децата да размислуваат, да поставуваат прашања за тоа зошто донесуваат одредени потези во животот, рече Милошевски-Попов.

Авторката на текстот Крајчевска, која е вработена како драматург во Битолскиот театар, истакна дека ова е нејзин прв театарски текст за деца. Таа изрази задоволство од целиот процес на подготовка на претставата и конечниот производ.

Ана Левајковиќ која ја игра насловната улога, очекува дека ова ќе биде хит - претстава и дека децата ќе ја засакаат.

Во оваа приказна за силата на пријателство, љубовта и растењето, улогата на Герда ја игра единствената гостинка Сара Климоска, штотуку дипломиран актер на ФДУ, а Кај ќе го донесе Бојан Кирковски. Во актерската екипа се и Мики Анчевски, Симона Спировска, Емра Куртишова и Мартин Јорданоски.
Сценографијата е на Кирил Василев, костимограф е Андреј Папаз Ѓоргиевски, а кореографија и сценски движења се на Симона Спировска. Композитор на музиката е Огнен Анастасовски. Илустратор на боенка и постерот кој е специфично решен е Марко Георгиевски.

Инаку, последен пат „Снежната кралица“ е поставена на сцената на Театарот за деца и младинци во 2005 година, како куклена претстава.  

Датум на објава: среда, 29 ноември 2017 во 09:54
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар