Ова денеска го истакна скопскиот градоначалник Петре Шилегов на одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.
Тој потенцира дека во решавањето на овие проблеми треба да се вклучат централната, градската и општинската власт, бизнисмените и организациите, но и сите граѓани.
Сите ние, како што потенцира, мора да се откажеме од малку за да добиеме повеќе, за да создадеме функционален и просперитетен град, град кој работи за своите граѓани и за сите. 
Скопје е град кој доживеал и преживеал се и сешто, но секогаш успевал да ги преброди незгодите и како феникс да стане од пепелта и да продолжи да живее. Скопје ќе ги преброди и денешните предизвици и ќе продолжи да се развива, оцени Шилегов.
Шилегов изрази восхит и благодарност на борците кои се вклучиле во ослободувањето на Скопје. Нивниот спомен музеј на илегалната партизанска работилница за оружје веќе неколку години е затворен, како што рече, поради негрижа.
- Наскоро овој музеј повторно ќе биде отворен, а јас како градоначалник ќе се погрижам да биде повидлив и попосетен од нашите сограѓани, рече Шилегов.
Овој музеј се наоѓал меѓу хотелот „Стоун бриџ“ и Комерцијална банка во центарот на Скопје.

Според Шилегов, Скопје треба да биде горд и не смее да ја заборави својата антифашистичка историја и лекциите од минатото.
- Ние мораме да се погрижиме фашизмот никогаш повеќе да не завладее во нашиот град, истакна Шилегов.

Градоначалникот на Скопје и делагција на Советот денеска положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите на градот Скопје, на Партизанските гробишта и пред споменикот на генерал Михајло  Апостолски на градските гробишта „Бутел“.

Цвеќиња положија и делегации на Градскиот одбор на Сојузот на борците од народноослободителната антифашистичка војна - Скопје, од кабинетот на претседателот на Република Македонија, од Собранието, Владата, Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ, од скопските општини, како и делегации на дипломатскиот кор, граѓани и институции. 

Датум на објава: понеделник, 13 ноември 2017 во 13:53
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар