Од 21 часот „Синедејс“ почнува и во кино „Фросина“ во МКЦ со музичкиот документарец за џез саксофонистот Џон Колтрејн.

Фестивалот во „Милениум“ го отворија градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и директорот на МКЦ Златко Стевковски.

Во трка за награди се осум филмови во Официјалната селекција и шест во програмата СинеБалкан кои и годинава се избрани од селекторот Бернд Будер.

Како што најави организаторот, во единаесет фестивалски денови ќе бидат прикажани 135 филмови, а покрај Официјална и СинеБалкан, ќе има уште неколку програми: гала-програма, музички документарци, Синедејс плус, шведски филмови од програмата „Земја во фокусот“, МК кратки и студентски филмови, како и богата придружна програма со седум концерти и четири работилници.

Филмот со кој почна „Синедејс“ (Квадратот) е во гала-програмата во која се нови филмови на познати режисери, како Ханеке, Акин, Озон, Херцог, Аронофски, Каурисмаки, Клуни, Софија Копола... и наградени на престижни филмски фестивали. Во гала-програмата е и македонската премиера на филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески со кој на 19 ноември ќе заврши фестивалот, како и „Пченица“ - новиот филм на турскиот режисер Семих Капланоглу, добитник на „Златна мечка“ во 2010 година и претседател на жирито за филмовите од официјалната конкуренција  на годинашниот  „Синедејс“.

Фестивалот официјално ќе заврши на 19 ноември со соопштување на  наградите од двете натпреварувачки програми, но од  наредниот ден ќе продолжи со десетдневен филмски маратон во Џебното кино на МКЦ  со проекции во десет различни тематски целини. 

Датум на објава: четврток, 09 ноември 2017 во 21:30
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар