Снимката е додаток на нова монографија постветена на тоа како Битола ја доживуваат германските посетители. Се работи за авторско дело на македонски и германски професори кои прават осврт на дводецениското пријателство на соработка помеѓу Македонија и Германија. Професорите Златко Жоглев, Петар Рау и Валентина Илиева, пренесуваат како во Битола над 20 години се негува германската култура.

- Што чувствувам за Битола најдобро може да се види во мојата Ода за Битола. Предноста на Битола, кога тука ќе дојде некој од странство, е тоа што овде се доживува старата автентична Македонија, градот изобилува со стара архитектура и богата природа, вели проф.д-р Петар Рау, автор.

Монографијата е двојазична, на македонски и германски јазик, а во неа се поместени и впечатоци на сите поранешни амбасадори на СР Германија во Македонија.

- Посебна специфика е што тука се сместени искази од повеќето дипломати на Германија кои биле во Република Македонија. Тука има можност да се слушне и преку аудио ЦД одата за Битола од професорот Рау, која ја пее оперската пејачка Марина Коруновска. Тоа е посебно доживување. Тоа е еден траен споменик за Битола. Истата ода врамена ја имаме и во просториите на општина Битола. Препорачувам сите што се љубители на Битола да ја прочитаат, изјави проф.д-р Златко Жоглев, автор.

- Верувам дека тој мост меѓу Македонија и СР Германија сме го граделе 20 години и ќе го градиме понатаму. Верувам дека она што е претставено во монографијата ќе ни донесе и нови гости во Битола. Сите активности ќе наведат и други гости да дојдат во конзулска Битола и верувам дека Битола е претставена во најубаво светло во оваа монографија, изјави претседателот на Здружението за македонско-германско пријателство и соработка Битола и почесен конзул на Австрија, проф.д-р Валентина Илиева.

На промоцијата на монографијата беше посочено дека истата е можност за промоција на Битола во германско јазичните земји со цел да се привлечат што повеќе гости да го посетат градот, но и нови инвеститори кои што ќе донесат економски бенефит за локалната заедница.


Датум на објава: недела, 05 ноември 2017 во 14:04
Анета Шијакова
Обновено во: 15:18

коментари

остави коментар