Изложбата „Петар Мазев, 90 години од раѓање“ е составена од околу 70 дела работени во разни техники на платно и панел, кои прават пресек на творештвото на Мазев, следејќи го неговиот развој и пат, од самите почетоци на 50-тите години од минатиот век се до неговата смрт во 1993 година.
Делата на изложбата се позајмени од Музејот на современата уметност во Скопје, Заводот и музеј Охрид, Културно-информативниот центар од Скопје, Центарот за култура Антон Панов од Стрмица и од голем број приватни колекционери.
Петар Мазев е роден 1927 година во Кавадарци. Завршил Ликовна академија во Белград во 1953 година кај професор Зоран Петровиќ. Бил професор на Факултетот за архитектура во Скопје и бил главен иницијатор за формирање на Факултет за ликовни уметности во Скопје. Тој е еден од најзначајните автори на македонската современа ликовна уметност со бројни самостојни преставувања како во Македонија, така и во Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, САД и други.
Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои „11 Октомври“ на Република Македонија во 1961 година, во 1979 добива прва награда на Југословенскиот конкурс за ликовно обликување на ентериерот на Спомен-костурница на загинатите борци од НОБ во Велес и велешко и истиот го изведува во мозаик, 1981 година добитник е на наградта „Моша Пијаде“ на Ликовниот салон во Цетиње./МИА 

Датум на објава: четврток, 02 ноември 2017 во 21:33
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар