Таа е прва жена градоначалник во Македонска Каменица и воопшто во Источна Македонија, но и по 21 година од формирањето на општина како посебна админстративна единица прв пат ќе ја води кадар од СДСМ.

- Слободно можам да кажам дека ние од Источна Македонија, генерално, фигурираме како регион во кој доминантен е машкиот пол во креирањето на политичкиот живот. Вчера и тоа необврзувачко табу го урнавме и јас како прва жена градоначалник избрана во директен изборен меч, можам слободно да кажам дека во Македонска Каменица постигнавме повеќе ефекти. Конечно, по 21 година го прекинавме контиунитетот на локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и прв пат општината ќе ја води жена како градоначалник предложена од СДСМ и неговите коалициони партнери, рече Стаменкова.

Таа се заблагодарувам на сите граѓани и рече дека јавно го потпишува секој договор со нејзините сограѓани за општо и заедничко добро.
- Граѓаните вчера го сменија текот на историјата и изгласаа живот во Македонска Каменица за сите. Истовремено ова го третирам како победа на една сосема нова политичка филозофија на политички живот во Македонска Каменица, но и како огромна обврска која произлегува од мноштвото проекти кои ги предложивме во изборната кампања и кои жителите вчера со својот глас несебично ги поддржаа, истакна Стаменкова.

Инаку, Соња Стаменкова со водство од 609 гласови и со освоени 2.714 гласови ја извојува победата со противкандидатот, досегашниот градоначалник на Македонска Каменица, кандидат од ВМРО-ДПМНЕ , Дарко Митевски.

СДСМ и коалицијата го имаат и мнозинството во Советот на Општина Македонска Каменица. 

Датум на објава: понеделник, 30 октомври 2017 во 16:09
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар