Заев го повика Груевски да ја ревидира одлуката за непризнавање на изборните резултати и да работи во интерес на граѓаните, да бидат конструктивни во однос на реформите и перспективите на државата

– Ги разбирам овие емоционални моменти на нашиот опонент, но се надевам дека ќе ги стават интересите на граѓаните во прв план. Што да ви кажам. Бараат СЈО. Го разбирам чувството на поразениот. Граѓаните ја потврдија поддршката и за централната и за локалната власт. Уште сега се знае какви би биле резултатите од предвремените избори. Еуфоријата по изборите и спремање на нови избори беше одлика на ВМРО-ДПМНЕ – рече Заев.

Поразот со само пет освоени општини за Груевски се должи делумно заради разорачаното членство, но главно заради изборната кражба со бугарски воз, поткуп и закани. Лидерот на опозицијата обвини дека изборите биле мафијашки. Побара предвремени парламентарни избори кои ќе ги спроведе техничка влада според пржинскиот модел, СЈО кое треба да ги расчисти изборните нерегуларности, но и амнестија за настаните од 27 април, како дел од седумте барања упатени до власта.

„Ајде Заев ако си толку силен и јак, да одиме на избори. Ако ние можевме да спроведеме избори по овој модел, најмалку што можеш е и ти да се согласиш да одиме на избори по истиот тој модел. Ајде да видиме кој е за демократија, за правда и слобода а кој не е. Кој е силен, а кој не е силен. Кој е во право а кој не е во право. Ако Заев има барем минимум доблест и човечко достоинство треба веднаш и без одлагање да ги прифати сите овие 7 точки. Подаваме рака пред да е предоцна. Македонија оди во лош правец, а хунтата на Заев ја турка во опасно сценарио, во сериозни ризици и големи опасности“, рече Груевски.

Лидерот на опозицијата побара и оставка на директорот на агенцијата за медиуми и претседателот на ДИК, итна судска завршница на случајот поткуп како и итна истрага за сомневањето за прислушување на стотина лица од ВМРО-ДПМНЕ.

Датум на објава: понеделник, 30 октомври 2017 во 14:15
Елизабета Галевска
Обновено во: 14:16

коментари

остави коментар