Шефот на грчката дипломатија детално и опширно говореше за сите прашања во грчката надворешна политика, а меѓу нив и спорот со името. Канал 5 побара одговор од шефот на грчката дипломатија во однос на она што на неколку пати се спомена во изминатиот период и постоеа нејасности, дали Атина бара решение само за името или пак и за други прашања.  Потребен е компромис за решение – рече Коѕиас и објасни дека компромисот се однесува на целиот пакет.

„Тоа е името, употребата на името, изведените зборови, каква врска имаат со името и акронимите. Тоа се 4 теми. Господинот Нимиц во преговорите што ги води е задолжен за првите две теми.  Во текот на разговорите, ќе наидеме на други теми На пример во изведените зборови. Кога се говори за изведените зборови, во вашата земја веднаш се споменува, тоа е жешка тема, идентитет и јазик. Но, постојат и покомплицирани прашања, не се посериозни, туку се покомплицирани. На пример трговски имиња. Што правиме со нив?“ -  рече Коѕиас, а како пример го спомена називот македонско вино кое се произведува и кај нас и во Грција.

Во однос на разговорите за името, откри дека за 3 до 4 седмици од сега Нимиц ќе се сретне со преговарачите на двете земји. Василакис од грчка страна, сега има и помошник.

„Јас верувам дека во првите 6 месеци од 2018 ќе треба да се реши ова прашање. Ако не се реши ќе има големи потешкотии. Ако се реши потребни се 3-4 месеци за бирократски процедури, во ООН, да се достават потврди, што значи дека ќе стигне до крајот на 2018. “ – рече шефот на грчката дипломатија и додаде дека 2019 е година на избори во двете земји и е тешко дека може да се отвори конкретното прашање.

Според Коѕиас, новата македонска влада за разлика од претходната има поголемо расположение за компромис и консензус. Но дали грчката влада е подготвена во целост за решение, беше прашањето до Коѕиас, кој одговори кратко и јасно да.

Шефот на грчката дипломатија обраќајќи се до дописникот на Канал 5, објасни дека за компромис треба да решиме 2 прашања:
„Едното е народот од вашата земја да сфати дека нам ни се допаѓа што постоите, и мене ми е драго што вие сте тука заедно со нас. А второто е да се прекине со иредентизмот.“

А токму за второто, рече дека се надева дека со нашата земја ќе започне со работа комисијата која ќе ги разгледа школските учебници. 

Според Коѕиас, Атина сака трајно решение, кое нема да биде навредливо за никој и ќе биде прифатено од граѓаните на двете страни

Датум на објава: четврток, 26 октомври 2017 во 16:18
Сања Ристовска
Обновено во: 18:23

коментари

остави коментар