Два месеца подоцна му кажа не и на макотрпно постигнатиот париски договор за клима, потпишан од 200 држави. Вчера се повлече од членството во УНЕСКО, денеска најави повлекување од историскиот договор со Иран, потпишан од САД и петте најголеми светски сили, со кој Техеран се обврза дека нема да развива нуклеарно оружје. Ја изолира ли свесно Америка, Доналд Трамп, за аналитиларите веќе нема дилеми. Дилемата е колку далеку ќе отиде американскиот лидер.

- Американскиот претседател не пропушти шанса да ги понижи своите сојузници. Во случајот со УНЕСКО ја понижи Франција, исто како и со климатскиот договор. Претходно ги понижи Германците, а следни се и најмоќните светски земји, потписници на иранскиот договор, вели Марван Бишара, аналитичар.

Но, листата за самоизолација на Трамп не завршува тука. Тој неодамна најави дека ако не успее да го ревидира, ќе се повлече и од Северноамериканскиот договор за слободна трговија – НАФТА, потпишан пред 23 години, а кој Трамп го нарече убиец на американските работни места. Со вчерашна одлука за повлекување од УНЕСКО, тој и формално им го заврти грбот на Обединетите Нации и со тоа покажа дека мултилатералниот систем го сведува на правото на посилниот. 

- Оваа доктрина „Америка на прво место“, секако значи само едно - Америка прва, целиот останат свет на последно место. Пораката е – не ни е гајле за сите други. Да не заборавиме дека САД на УНЕСКО му должат 600 милиони долари, а УНЕСКО преку своите едукативни програми го чистеше нередот кои Американците кои го правеа во Авганистан, Ирак и Либија, вели Марван Бишара, аналитичар.

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш соопшти дека ќе продолжи да соработува со американската администрација, и покрај несогласувањата. САД вчера се повлекоа од УНЕСКО, поради наводниот антиизралески став и отворената поддршка на Палестина на организацијата. По неколку часа, иста одлука донесе и Еврејската држава. 

Датум на објава: петок, 13 октомври 2017 во 14:58
Гоце Герасимовски
Обновено во: 15:30

коментари

остави коментар