Лекарите од неготинскиот здравен дом не успеале да го спасат животот на 35 годишниот војник со иницијали О.Х од Штип.

При извршено планско гаѓање на полигинот Криволак поради запалување на тревата избувнал пожар , па војникот со своите колеги учествувал во гаснењето на истиот.

„По завршувањето на интервенцијата во доцните попладневни часови професионалниот војник најпрво пријавил кај колегите дека не се чувствува добро по што видно било дека не е во добра здравствена состојба. Веднаш, со армиско болничко возило и придружба на воен лекар е упатен кон најблиската здравствена установа, во случајот Здравствениот дом во Неготино , каде веднаш по пристигнувањето од страна на персоналот било пристапено кон реанимација , но по кратко време е констатирана смрт“ – изјави Тони Јаневски – Портпарол на АРМ.

Од  Здравствениот дом во Неготино информираат дека  пациентот бил донесен без знаци на живот .

Случајот е пријавен до надлежните институции, а од страна на јавен обвинител е извршен увид.

По негова наредба телото на починатиот е предадено на обдукција.

Извештајот на институтот за судска медицина треба да покаже која е причината поради која почина професионалниот војник.

Од Генералштабот на македонската армија изразија сочувство до фамилијата на починатиот војник.

Информираат дека 35 годишниот О.Х извршувал работни задачи во касарната  во Криволак.

Цели 10 години бил дел од Армијата на Република Македонија.

Во изминатите години кај него не биле регистрирани никакви проблеми при редовните и вонредни систематските прегледи и проверките на физичката подготвеност.

Датум на објава: петок, 13 октомври 2017 во 14:37
Ана Милевска Ѓеоргиева
Обновено во: 14:59

коментари

остави коментар