Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и првиот човек на Судскиот совет Зоран Караџовски денеска извршија увид во Гевгелискиот суд. Според извори за Канал 5 , Вангеловски и Караџовски го провериле налогот кој судијата го одобри за претрес  кај екс претседателот на скопскиот Кривичниот суд,  Владимир Панчевски.

Официјални информации за тоа што точно бараат првите луѓе на највисоките судски органи не добивме.

Од Службата за односи со јавност во Врховниот суд денеска добивме одговор дека не знаат дали претседателот е на работа. Од таму во телефонски разговор ни беше одговорено дека цел ден не можеле да стапат во контакт со претседателот Вангеловски и поради тие причини официјален одговор за тоа дали и зошто тој е во посета на гевгелискиот суд, не можеме да добиеме.

И Јово Вангеловски и Зоран Караџовски цел ден не одговараат на нашите повици и на СМС пораките за да кажат дали ја проверуваат законитоста на налогот за претрес.

Од Специјалното јавно обвинителство само кусо одговорија дека немаат коментар.

Акцијата на Вангеловски и Караџовски следува откако Панчевски преку допис се жалеше токму кај Судскиот совет дека обвинителите на СЈО, незаконски постапувале и била применета физичка сила за време на претресот во неговиот дом.

Специјалното јавна обвинителка Катица Јанева, пред една недела изврши претрес во домот и канцеларијата на екс претседателот на Кривичен, но и во домовите на уште двајца вработени во судот. Како што истакна Јанева, Панчевски е осомничен за злоупотреба на службената положба и оддавање на службена тајна.



Датум на објава: четврток, 12 октомври 2017 во 17:50
Михаела Димовска
Обновено во: 18:24

коментари

остави коментар