Фестивалот во четврток ќе биде отворен со претставата „Куќата на Бернарда Алба“ од Лорка во режија на Ќендрим Ријани, на театарот „Андон Чајупи“ од Корча, Албанија. Отворањето ќе биде во Сули ан во 20 часот.

Во наредните денови фестивалот ќе се одржува во Младинскиот културен центар каде ќе гостуваат претставите: „Ѕверот“ на театарот „У Моста“ од Перм, Русија; „Маченик“ на Градскиот театар од Ѓаковица, Косово; „Пуши како маж“ од Тел Авив - монодрама инспирирана од животот на Фрида Кало; „Визии од сребрениот век“ на Центарот за културна деконтаминација од Белград; „Зборувај, Медеја“ на театарската компанија „Јирјирак“ од Техеран и, на последниот фестивалски ден - „Слугинките“ на Националниот театар „Иван Вазов“ од Софија.

-  Ќе се обидеме да ја одржиме традицијата и да покажеме театри кои  не сме ги виделе досега, и некои што ги знаевме, а мислиме дека е добро да ги видиме, а што не сме ги гледале на другите фестивали. Во таа смисла, имаме навистина што да ви понудиме, рече селекторот на фестивалот Сенко Велинов денеска на прес-конференција.

На програмата, рече тој, не ставаат македонски претстави затоа што публиката нив може да ги види на редовниот репертоар на театрите, а за нив, рече, има и посебен фестивал  - МТФ „Војдан Чернодрински“.

- Кога македонски претстави играат на домашни фестивали значи алиби. Фестивалите си пополнуваат простор за да ги оправдаат некако и времето, и парите, додаде Велинов.

Како и во минатите изданија, на „Скупи 2017“ ќе биде доделена една награда - Гран-при за најдобра претстава, за која ќе одлучува тричлено жири во состав: Веби Ќерими, Ѓорѓи Јолевски и Лука Кортина. /МИА

Датум на објава: понеделник, 09 октомври 2017 во 13:24
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар