Во Тетовската клиничка болница вчера околу 16:30 часот бил донесен 15-годишниот Н.Ш.  со прострелна рана во десната надлактица. По укажаната лекарска помош, момчето е пуштено на домашно лекување.

Според кажувања на повредениот тинејџер, тој се наоѓал во дворот на некогашниот Воспитно-поправен дом во североисточниот дел на Тетово. Собирал јаболка во некогашниот овоштарник. Во еден момент слушнал истрел, а потоа уште еден од кој почувствувал болка во раката. Побарал помош од неговиот постар брат, кој со возило веднаш го пренел во тетовската болница. Било утврдено дека се работи за повреда од сачма од ловечка пушка.

Полицијата извршила увид на лице место, но таму не пронашла никакви траги. Се претпоставува дека момчето е повредено од заталкан куршум.

Во село Љубодраг, Куманово, во дворот од куќата на Ч.П.(1954), вчера попладне од заскитан куршум со повреда во пределот на десната подлактица се здобила 7 годишната А.С. од село Бучинце, Скопје.

А.С. била пренесена во МЦ-Куманово, утврдена и е телесна повреда, а проектилот е подигнат за вештачење. По укажаната лекарска помош повредената е пуштена на домашно лекување.

СВР Куманово презема мерки за расчистување на случајот

/МИА

Датум на објава: петок, 26 јули 2013 во 10:08
www.kanal5.com.mk
Обновено во: 13:19

коментари

остави коментар