Советот на СЕЛЕК едногласно со 11 гласови го разрешија Јакимовски од позицијата генерален директор. Државниот секретар на МВР, Магдалена Несторовска ја образложила причината зошто Јакимовски треба да биде разрешен од раководната функција во меѓународната мрежа која се бори со тежок криминал.

- Делегацијата на МВР на денешниот состанок ја образложи причината зошто Јакимовски треба да биде разрешен. Укажавме дека тој не може да присуствува на состаноците и да го води СЕЛЕК по одлуката на Врховниот суд да му го одземе пасошот. Потоа се пристапи кон тајно гласање на кое едногласно беше одлучено Јакимовски да биде разрешен, изјави Магдалена Несторовска, државен секретар на МВР.

Тони Јакимовски лани беше избран за генерален директор на СЕЛЕК додека СЈО водеше истрага против него.

Јакимовски е еден од обвинетите во предметот „Таргет – Тврдина“ на СЈО за масовното прислушување и за уништувањето на апаратите за следење на комуникациите. Иако СЈО бараше и за него притвор, судот на Јакимовски му ги одзеде само пасошите како мерка за претпазливост.

Во претходната влада, Јакимовски беше шеф на кабинетот на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Додека Јакимовски ја вршел функцијата од службената картичка, како што тогаш информираа од МВР, потрошил повеќе од 2.300.000 денари.


Датум на објава: вторник, 19 септември 2017 во 11:04
Игор Стефановски
Обновено во: 14:30

коментари

остави коментар