Во највисокиот суд се разгледа барањето за заштита на законитоста поднесено од Специјалното јавно обвинителство. Обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека во тој случај се направени процесни повреди, бидејќи Костовски е осуден за помагач за шпионажа. Фетаи вели дека кај него, не е утврдено кривично дело.

„Во конкретниот случај не постои кривично дело шпионажа, бидејќи битието на тоа кривично дело се состои од прибавување на тајни податоци на документи, со намера истите да бидат предадени на странска држава, организација, нели, лица кои им служат. Како што е веќе познато во пресудата во којашто истиот е огласен за виновен, всушност самата законска формулација на тоа на битието на кривично дело е преточено во самиот диспозитив на пресудата. Нити е наведено која е таа странска држава или организација им служела во тој случај. Тоа е исто како на пример да осудиш некој човек за кривично дело измама со тоа што ќе тврдиш дека некое непознато лице било доведено во заблуда да стори нешто на штета на својот или на туѓ имот“, изјави обвинителката на Специјалното обвинителство, Фатиме Фетаи.

Ѕвонко Костовски работеше во Управата за безбедност и контраразузнавање. Кривичниот суд го осуди на 3 годишна затворска со образложение дека како службеник во МВР, од 2010 година неовластено ја користел опремата за прислушување. Тој ги внесувал броевите на политичарите за да бидат прислушувани.


„Денес бевме по повод две барање за заштита на законитост коишто ги имавме поднесено, против одлуки на кривичниот суд, за коишто сметавме дека се незаконски и заради тоа бараме Врховниот суд да ја преиспита нивната законитост. Едната седница се одржа, другата беше одложена поради технички причини ќе продолжиме во понеделник“, изјави обвинителката на СЈО, Ленче Ристовска.

Врховните судии на требаше да го разгледаат и барањето за заштита на законитоста поднесено од СЈО, односно барањето за замрзнување на имотот на партијата ВМРО – ДПМНЕ. Но, од технички причини кои не ги кажуваат од Врховниот суд, БЗЗ-то ќе се разгледува в понеделник.

Датум на објава: четврток, 14 септември 2017 во 13:50
Игор Стефановски
Обновено во: 17:12

коментари

остави коментар