Синоќа на манастирска слава, во предвечерието на празникот, беше отслужена архијерејска Вечерна богослужба, со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, со игуменот на манастирот Архимандрит Партениј, а на која еден член од Бигорското братство беше причислен во рамноангелниот монашки ред.

- Нашата Света Обител, која и самата е едно силно и лично сведоштво за делото на Свети Јован, денес многу се радува, бидејќи во навечерието на празникот, Претечата и Крстител Господов на ангелска служба повика уште еден член на Бигорското братство кој се присоедини во монашките редови и стана земен ангел и небесен човек, добивајќи го името Антониј, изјави сестра Ефимија.

Огромното присуство на илјадниците верници, посочува сестра Ефимија, беше проследено со огромна радост, зашто ова вековно духовно светилиште постојано силно сведочи за подвизите на Св. Јован Крстител.

Денеска на денот на празникот ќе биде отслужена Утрена богослужба, со почеток во 7:30 часот, а во 9 часот почнува Светата архиерејска Златоустова Литургија, со која ќе чиноначаслтвува митрополит г.Тимотеј.

Традиционално, како што било со векови, по повод патронот, во Бигорскиот манастир, престојуваат верници од сите делови на државава, кои овде доаѓаат неколку дена пред празникот, но најмногу вечерва и утре. Без оглед од каде се, како што самите велат, за сите нив ова е место исполнето со спокој, мир и љубов./МИА

коментари

остави коментар