Мечот во Хаифа, за нашиот национален тим е шанса за подобрување на бодовното салдо и бег од долниот дел на табелата но и за запирање на лошата традиција со Израелците, кои досега против нас имаат четири победи, од исто толку натпревари.

Македонија на стадионот Сами Офер во Хаифа ќе влезе со позитивна фудбалска атмосфера што можеби никогаш досега не била толку силно изразена. По настапот на нашиот млад тим на Европскиот шампионат во Полска и пласманот на вардар во групната фаза во Лига Европа, победничкиот менталитет е пренесен и репрезентацијата. Освен тоа Израел е наш должник и за поразот што и го нанесе на Македонија во Скопје во овој квалификациски циклус но и за претходните три што го прави еден од нашите најнезгодни противници низ историјата. Сите овие факти го наведуваат селекторот Игор Ангеловски на максимална внимателност во вечерашниот дуел во Хаифа но и како адут да повика на крајна борбеност и верба во добар резултат.

Македонија против Израел ќе настапи во најсилниот можен состав што уште повеќе ги подгрева надежите за добра игра и позитивен резултат. Еден од носителите на играта ќе биде и Стефан Спировски кој беше дел од големиот успех на Вардар и нов член на унгарскиот прволигаш Ференцварош.

Натпреварот со Израел во Хаифа ќе биде седми за Македонија во квалификцискиот циклус за Мундијалот во Русија. Во претходните шест имаме само една победа и пет порази со што сме на претпоследното место на табелата пред Лихтенштајн. Дуелот во Хаифа ќе стартува во 20 и 45. 

Датум на објава: сабота, 02 септември 2017 во 17:04
Зоран Цветановски
Обновено во: 17:06

коментари

остави коментар