Доналд Трамп не ја омекнува реториката.

Жестоката воена реторика на релацијата Вашингтон-Пјонг Јанг го вклучи алармот во Јапонија. Јапонците масовно купуваат подземни бункери, за тие што нема се воведуваат листи на чекање, се зголемува продажбата на прочистувачи на воздух. 

На јапонските медиуми се врти владин спот како граѓаните да се однесуваат во случај на напад. Земјата на изгрејсонцето стравува од  непредвидливата Северна Кореја, но и од непредвидливиот Доналд Трамп, за кого и да нема ден да не спомене се поизвесна воена интервенција врз комунистичката држава.

- Северна Кореја подобро нека размисли што прави, или ќе ја снајде неволја како мал број на земји во светот. Крајно време е некој да застане на првата линија, во име на луѓето во нашата земја и луѓето во другите земји, изјави Доналд Трам, претседател на САД.

И дел од Американците се исплашени, особено оние на пацифичкиот остров Гуам, кој беше посочен од Пјонг Јанг како извесна мета на неговите ракети. Но, дел од Американците само слушнале за Северна Кореја, а во анкета за тоа каде се наоѓа, мака мачеа да ја најдат на мапата на светот.

Вчера Пјонг Јанг соопшти дека го привршува оперативниот план за напад на американска територија, во кој би користел четири балистички ракети со среден дострел.

Датум на објава: петок, 11 август 2017 во 15:21
Гоце Герасимовски
Обновено во: 16:40

коментари

остави коментар