На програмата на првиот концерт закажан за од 20:30 часот се избрани дела на Лефебре, Јанса, Пјацола и Димушевски.

Триото „Аура“ го сочинуваат истакнатите македонски уметници Темков, Гацева и Милошевски кои работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки.

Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти во својата земја и во странство, тие несомнено се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во Македонија. Триото „Аура“ има долгогодишна и богата концертна активност, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови, а често промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко камерно музицирање го карактеризира изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот.

Вториот концерт чиј почеток е закажан за од 22 часот ќе ги претстави петте уметници од Црна Гора, кои ќе изведат дела на Цанев, Лигети, Нилсен.

Црногорскиот дувачки квинтет е оформен како резултат на долгогодишната соработка на првите инструменталисти на Црногорскиот симфониски оркестар. Водени од желбата за истражување на репертоарот создаван за дувачки квинтет, како и од потребата за постоење на еден ваков ансамбл во Црна Гора, членовите на квинтетот веќе подолго време се претставуваат на сцените на црногорските градови и надвор од границите на Црна Гора. /МИА

коментари

остави коментар