Како што соопштуваат денеска од Министерството за култура, документите за поднесување на апликации ќе бидат достапни за сите заинтересирани страни и за јавноста утре на веб страницата на Министерството, како и преку објави во медиумите согласно законските побарувања.

Новиот културен бран ќе се одржува од крајот на август 2017 до крајот на октомври 2017,  односно сè до исцрпување на средствата за реализација на манифестацијата.

Целта на манифестацијата е да се обезбеди деметрополизација и децентрализација на културата, дисперзија во локалните средини и збогатување, омасовување и раздвижување на културната понуда во сите региони на Македонија.

- За разлика од претходниот пристап со манифестацијата „Топол културен бран“ на која право за аплицирање со проекти за културни настани имаа само општините, со овој повик, право на аплицирање со проекти и идеи за Новиот културен бран ќе имаат здруженија на граѓани, асоцијации, чадор - организации, неформални групи и автори од областа на културата и уметноста, кои ќе треба да понудат квалитетна, естетско - профилирана и вредносно издржана понуда, со која ќе внесат посвежи идеи и поиновативни пристапи во креирањето на културата, како и нови и современи форми во создавањето и презентирањето на културниот и уметничкиот продукт, истакнуваат од Министерството.

Додаваат дека иако се соочуваат со сериозни финансиски проблеми и големи долгови, за потребите на манифестацијата Министерството има обезбедено скромен, но сепак значаен иницијален буџет од 10 милиони денари. - Свесни дека овие средства нема да успеат да ги задоволат целосно потребите и визиите на манифестацијата, упатуваме апел до домашните и меѓународните донатори, фондации, здруженија, до бизнис секторот, формалните и неформалните иницијативи, уметниците, да се вклучат во Новиот културен бран и да ја помогнат неговата реализација. Подготвени сме, заедно со сите кои ќе изразат подготвеност за придонес, заедно да ја дизајнираме и менаџираме манифестацијата, и да овозможиме пристап и учество во културните активности за сите граѓани, култура до сите и за сите,  без оглед на припадноста и живеалиштето, стои во соопштението.

Конкурсот за манифестацијата Нов културен бран ќе се одвива во две фази. Во првата фаза, ќе се распише конкурс за проекти кој ќе трае до средината на август 2017, за настани и проекти чијашто реализација пред публиката треба да започне на почетокот на септември 2017. Потоа, со остатокот од средствата од иницијалниот буџет и останати средства, појаснуваат во соопштението, кои ќе се обезбедат од други донатори, преку форма на аплицирање за ад-хок грантови, ќе се финансираат проекти за организрање културни настани во рамки на Новиот културен бран, сè до целосно потрошување на обезбедените средства. /МИА


коментари

остави коментар