Прес-конференцијата се одржа во Паркот на Револуцијата каде се сместени гостите од земјава и странство кои кампуваат и сакаат авантуристички да ги поминат деновите на фестивалот.

Според водителот на програмата Маријана Станојкоска синоќешната атмосфера посебно била весела, пред се, поради настапите на пејач од некогашните групи „Бјело дугме“ и „Дивље јагоде“ Ален Исламовиќ, како и поради настапот на групата „Нокаут“ и музичарот Don Minott од Јамајка.
Во кампинг просторот има сместено повеќе гости од земјава и странство кои ги почестуваме задолжително со чорба, кафе и чај, нагласува Александар Јованоски од прилепската локална самоуправа.

- Радува фактот што бројот на кампери секоја година се зголемува. Имаме кампери не само од Македонија туку и од цела Европа. Ги има од речиси сите генерации, луѓе со поавантуристички дух кои решиле својот престој да го поминат токму тука. За да го направиме нивниот престој што попријатен им обезбедивме бесплатен кампинг, организаторот им овозможи бесплатно да ги паркираат своите возила, бесплатен појадок секое утро и ги имаат сите хигиенски услови. Во Паркот има повеќе спортски содржини, а сега во негова близина е и „Аква паркот“, па е атрактивно да се кампува во Паркот на Револуцијата. Инаку, Прилеп е преполн со посетители од сите градови. Во хотелските капацитети речиси нема место, изјави Јованоски.

Дел од камперите сместени во Паркот на Револуцијата беа расположени да ги споделат впечатоците од нивниот престој во прилеп и на „Пивофест“.
- Јас сум прв пат тука, доаѓам од Скопје, одлично е, супер е организииран кампингот. Синоќа бевме долу во центарот на градот каде си поминавме убаво, се надевам дека вечерва ќе биде уште поубаво, вели Марјан Николовски од Скопје.

Дејан Богатиновски од Скопје со години доаѓа во кампот каде му е посебно убаво.

- Веќе 5 години доаѓам тука во кампот. Можам да кажам дека бината долу ми е во втор план кога доаѓам на фестивалот, поинтересна и подобра ми е дружбата тука на Могила. Се запознаваме меѓу себе, се дружиме, не има од сите градови на Македонија, а исто така има и странци. Навечер имаме гитарче, музика, пиво одлично е, рече Богатиновски, кампер од Скопје.


Освен од Македонија, имаше туристи од повеќе држави и една поголема група од Белгија.

- Ние сме од Белгија, за прв пат сме во Македонија. Група сме од 20 луѓе. Дојдовме на турнеја низ Македонија, а тука сме специјално за Пиво фестот. За овој фестивал слушнавме од едни наши пријатели кои биле тука пред 3 години и ни кажаа дека е прекрасно. Луѓето се прекрасни, многу се гостопримливи и забавата е одлична, објаснија посетителите од Белгија сместени во кампот во Паркот на Револуцијата.
Вечер, на третиот ден од „Пивофест“ ќе настапат Елена Велеска, Анабела, Харис Џиновиќ. 

Датум на објава: сабота, 15 јули 2017 во 14:42
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар