Лауреатот Бозоне наградата им ја посвети на сите актери кои живеат за театарот и кои, како што рече, никогаш да не се откажуваат од своите желби.
- Наградата „Актер на Европа“ ми е посебно мила бидејќи минувајќи низ спектарот на театарот со својата сеопфатност ги поттикнувам сите оние кои живеат за театарот никогаш да не се откажуваат од своите желби и ангажмани и да настојуваат од се да направат театар. Се восхитувам на сите оние кои живеат за театарот, како оние сарајлии кога и за време на опсадата на нивниот град упорно не дозволија да прекине театарот и кога пет театарски групи упорно работеа под нишаните на снајперите. Токму на таквите како нив им се радувам и секое мое признание го посветувам на сите луѓе на кои театарот им значи живот, истакна Бозоне.

Според ресенскиот градоначалник Ѓоко Стрезовски, фестивалот има обединувачка димензија на трите народи и трите култури кои делат исто езеро - македонскиот, албанскиот и грчкиот. Неговата цел, нагласи, е да го шири европскиот дух преку културата, спојувајќи ги уметниците од различни страни на светот.

- Вие, актерите на Европа, токму со „Актерот на Европа“ придонесувате вредностите на меѓусебно почитување на културите на различните народи тука, во Преспа, да се издигнат на високо ниво. Уметноста е успешен пример како ние, народите од Балканот, треба да соработуваме и меѓусебно да живееме и во тој контекст зборовите на нашиот национален идеолог и револуционер Гоце Делчев, кој уште пред 120 години истакнал дека светот го разбира единствено како поле за културен натпревар помеѓу народите, се уште се актуелни и секоја година го оживуваат духот на овој фестивал, рече Стрезоски.
На првата фестивалска вечер беше прикажана преставата „Идиот“ од Достоевски во режија на Богдана Дарие, во изведба на студенти по актерство на „И.Л.Караѓале“ од Букурешт. Во наредните денови љубителите на театрот ќе може да погледнат уште шест театарски дела од Македонија, Бугарија, Франција, Косово и Србија во традиционалниот амбиент на ресенскиот Сарај. Фестивалот ќе заврши на 11 јули со врачување на наградите за најуспешните.

Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ беше востановен пред 15 години кога Европскиот парламент го прогласи Преспанското Езеро за меѓуграничен европски парк меѓу Македонија, Грција и Албанија. Фестивалот во слава на  актерот го покренаа група европски и македонски интелектуалци. Во изминатите 15 години учествувале повеќе од 130 претстави од скоро сите европски земји.

Фестивалот го организираат Езеро без граници, Општина Ресен и Универзитетот за аудиовизуелни уметности, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. 

Датум на објава: петок, 07 јули 2017 во 10:35
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар