Филмот, кој е посветен на животот на најпознатиот француски џез-музичар, гитарист и композитор Џанго Ренар, го отвори и годинашниот Берлински филмски фестивал и имаше  осум номинации.

Џанго Ренар во окупираниот Париз во Втората светска војна бил под притисок од нацистите, но успеал да се избори и да истрае со неговата музика и со желбата за перфекција.
Поради јубилејното издание, Францускиот институт годинава ќе  организира патувачки фестивал и во наредните пет месеци со ревии ќе гостува во десет градови низ Македонија.
Од 14 јуни до 19 ноември во поголемите градови ќе има проекции насловени „Фокус на францускиот филм во Македонија“, со цел промовирање на францускиот и франкофонскиот филм во земјава.

- „Фокус на францускиот филм“ е предвиден и во рамките на фестивалот „Синедејс“ во присуство на млади француски филмски таленти, како француска вечер поддржана од ТВ5 Монд и серија од најмалку четири француски филмови во период од два или три дена, со што ќе биде затворено годинашното издание на фестивалот, соопшти Францускиот институт.

Од 2008 година, кога почна организирањето на Францускиот филмски фестивал  во Македонија, прикажани се околу сто филма и гостувале 60 почесни гости од филмскиот свет. На отворањето вечер во „Милениум“ ќе биде отворена изложба на портрети од најзначајните гости во изминатите 10 години направени од фотографот на фестивалот Милан Стрезовски.

По проекцијата и свеченото отворање во Скопје, Францускиот филмски фестивал овој месец ќе гостува со по три филма во Народниот театар во Велес (16-18 јуни) и во Центарот за култура во Прилеп (21-23 јуни). По летниот период ќе продолжи со филмски ревии во други градови и ќе заврши во ноември на фестивалот „Синедејс“ со познати гости.

Датум на објава: среда, 14 јуни 2017 во 10:09
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар