Националните установи треба да ги достават нивните предлози до крајот на овој месец. Бидејќи времето за пополнувањето на апликацијата во законски утврдениот рок е релативно кусо, од министерството очекуваат дека првична верзија на програмата, ќе ги изразува, предлозите на директорите и менаџерските тимови во националните установи.

Согласно законот, министерот во наредниот период, ќе формира комисии од еминентни авторитети во своите области, чии имиња, наспроти досегашната  пракса,  ќе и бидат соопштени  на јавноста. Овие комисии ќе ги разгледаат нацрт – програмите, а потоа, врз основа на нивните предлози, министерот ќе донесе решенија за утврдување на предлог - програмите на установите во рок од 45 дена од донесување на буџетот на РМ.

Во претстојниот период, ќе следува темелно преиспитување на работата на досегашните раководства на националните установи, врз основа на извештаите што како нивна законска обврска треба да ги достават на почетокот на месец јули. При утврдени сериозни неправилности во работењето на установата, можно е да следи промена на раководниот кадар. Новото раководство ќе има полна слобода да направи ревизија на предложената нацрт - програма, при што веднаш ќе се напуштат негативните практики од минатото, одредени автори, уметници, режисери или уметнички дела да бидат исклучени, запоставени, игнорирани, заменети поради тесни партиски интереси или изразување на критички став кон политиките на власта и институциите, соопштуваат од министерството.


Датум на објава: вторник, 13 јуни 2017 во 14:01
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар