На свеченоста беше изведен уметничкиот перформанс „Азбучарење по Рацин“ во кој  на сликовит начин со секоја буква од азбуката, актери и деца презентираа по едно дело на Рацин или важни делови од неговиот живот.

Рациновите средби за отворени ги прогласи Васил Зафирчев, директор на оваа културна манифестација, што ја организираат општина Велес и Министерството за култура.

Беседа за Рацин одржа Мишел Павловски, член на Друштвото на писателите на Македонија, кој потсети за големината на Рацин  и неговото дело.
- Коста Солев Рацин е еден од меѓниците на македонската култура и свеста за нашата посебност, поради страста, ентузијазмот со кој не застапува и ја брани идентитетската припадност. Тој се бореше дека Македонците се посебен идентитет, со посебна историја во континуитет на мислата и борбата за национална слобода. Објавувањето на неговата стихозбирка „Бели Мугри“ е настан од исклучителна важност за легитимирањето на македонскиот идентитет, потенцира Павловски.

Воедно на свеченоста беа доделени и наградата „Антологија на болката“ за дебитантска стихозбирка на Митко Апостолов и наградата за твитер порака на Рацинови средби „Напиши љубов во 140 карактери“ која и беше врачена на Надица Тренчева од Кавадарци.

Таа напиша „Љубов, мир, љубов, војна, љубезно, подљубени, заљубени од Љубомир за Љубојна“.
Вечерта заврши со поетски митинг на кој настапија поетите Мирјана Тренчева, Игор Крајчев, Веле Алексоски, Филип Клетников, Олга Панкина.
Инаку, програмата започна претходно на Спомен костурницата од НОВ каде што меѓу борците почива и Рацин. Во негова чест припадници на АРМ одржаа почесна стража и испалија почесен плотун. Делегации на Сојузот на борци, на АРМ, на општина Велес и на манифестацијата Рацинови средби во негова чест положија букети цвеќе.
Претходно, во Ликовниот салон беше отворена изложба „Грнчарски средби Велес“ 2017 на која со рачно изработени грнчарски дела се претставија грнчари од Велес и Македонија.
Програмата продолжува и денеска, а вечер во 21:30 на сцената на новиот театар ќе биде врачена и највисокото - „Рациновото признание за 2017“ на Ана Стојаноска за нејзиниот роман  „Јас и Лин отпосле“ како и постхумно почесното Рациново признание за 2017 за Предраг Матвеевиќ од Хрватска.

Датум на објава: сабота, 10 јуни 2017 во 11:28
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар