„ Не сум сигурна дека тоа ќе го наречам чудо, туку резултат на силна работа и политичка волја. Кога говорите за регионот на Западен Балкан, тоа е регион што има европска перспектива, па затоа таму Унијата е силно посветена. Исто е и со БЈР Македонија и со Албанија“, истакна Коцијанчиќ.

Како добра можност за излез на  земјата од политичката криза со доделувањето на мандатот на претседателот на СДСМ, Заев гледаат и француското и италијанското министерство за надворешни од каде ја поздравуваат ваквата одлука на претседателот Иванов. Шефовите на дипломатиите на двете држави потенцираат оти очекуваат брзо формирање на новата извршна власт во земјава.

- Франција ги повикува сите политички сили застапени во Собранието да воспостават конструктивен дијалог во рамките на институциите, така што идните власти за скоро време да почнат со спроведување на итните реформи неопходни за трајна стабилизација на земјата и напредок на патот кон евроинтеграцијата“, наведуваат од француското МНР.

Брзо формирање на новата извршна власт во земјава очекува и Италијанскиот министер за надворешни Анџелино Алфано.

 „Се надеваме дека во Скопје наскоро ќе се формира нова влада поддржана од страна на парламентарното мнозинство и посветена на донесувањето на суштинските внатрешни реформи за брзо обновување на европскиот и евроатлатскиот пат на земјата“  потенцира Алфано.

Слични пораки деновиве упатија и еврокомесарот Хан и високата претставничка Могерини, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг како и претставниот на американскиот Стејт Департмент Хојт Ји. 


Датум на објава: петок, 19 мај 2017 во 14:53
Ивана Стојановска
Обновено во: 15:38

коментари

остави коментар