Анкетата на Паблик Полиси Полинг покажа дека 48 отсто граѓани се за отповикување на претседателот, а 41 се против. Истражувањето следи по двете афери за два дена, кои ги објавија престижните американски весници.

Откако вчера Вашингтон Пост објави, а Трамп призна дека на рускиот министер за надворешни работи Лавров му споделил тајни доверливи информации поврзани со делувањето на Исламската држава, денеска Њујорк Тајмс објави нова афера. Весникот тврди дека Трамп неодамна побарал од сега разрешениот директор на ФБИ, Џејмс Коми да ја прекине истрагата за својот екс советник Мајкл Флин за наводните врски со Русија, објавувајќи и белешка од Коми која ги потврдува ваквите написи. Дел од демократите го обвинија Републиканецот дека ја злоупотребил позицијата и влијаел на судството. Бараат и да објасни дали во разговорите со Лавров ја загрозил националната безбедност. 

- Претседателот мора да ги објави целосните транскрипти од разговорите веднаш и без одлагање. Ако претседателот ја ставил националната безбедност на ризик, Конгресот мора да знае за тоа, изјави Чак Шумер, сенатор.

- Она што го сподели претседателот беше целосно соодветно. Сакам да биде јасно дека претседателот не објавил никакви комромитирачки материјали во разговорот со Лавров, изјави Мек Кастер, советник за национална безбедност.

Барање за импичмент досега побарале 12 демократи. Процесот технички почнува како формално обвинение, кое треба да заврши во сенатот, кому му е неопходни дво третинско мнозинство. Со процес на импичмент досега се соочиле Џонсон, Никсон и Клинтон, но ниту еден од нив не бил разрешен од должноста. 


Датум на објава: среда, 17 мај 2017 во 14:04
Гоце Герасимовски
Обновено во: 14:49

коментари

остави коментар