Спроти празникот Источен петок или Балаклија, крадци во манастирот  искршиле еден прозорец и украле ситни пари, како и иконата на Свети Јован Кристител.

Чуварот на манастирот Љупчо Ристов, сведочи дека утрово кога дошол во манастирот видел дека повторно манастирот бил мета на крадци и веднаш ја повикал полицијата.

-Јас кога дојдов утрово, забалежав дека е скршен прозорецот до вратата, а вратата не е разбиена, но разбиени се внатре во манастирот касите, каде имаше ситни пари, и повторно е украдена иконата на Свети Јован Крстител. И пред две години, исто така, ја украдоа оваа икона. Таа икона е позлатена, но нема некоја голема вредност. Не знам по што се лакомат, само штета да направат, еве на овој убав ден кој е празник на манастирот, овој чин е за секоја осуда, рече Ристов.

Од СВР Штип го потврдуваат настанот. Информираат дека полицијата била на лице место и направила увид, но потенцираат дека има и осомничено лице, а е пронајдена  и украдената икона.

Живописниот делчевски манастир „Света Богородица Балаклија“ е возобновен пред 17 години и според вековната традиција, овде на овој ден се собираат голем број верници кои палат свеќи за здравје и се замиваат од изворот за кој има верување дека е лековит. /МИА

Датум на објава: петок, 21 април 2017 во 14:42
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар