Оттука се поверојатно е дека грчката анархистичко –терористичка организација која ја презеде одговорноста за испратената иста ваква пратка до Шојбле, да стои и зад онаа до ММФ.

До германскиот министер за финансии како испраќач беше потпишан потпретседателот на Неа димократија, а до канцелариите на меѓународниот монетарен фонд, портпаролот на истата партија.

Министерот за цивилна заштита на Грција, говорејќи за грчките медиуми не ја отфрли целосно можноста да има и други вакви пратки, но смируваше дека веројатно се само овие две што и се веќе познати на јавноста, додека пак вели дека пратките не содржеле голема количина на експлозивен материјал. 

- Конкретните пратки секако дека можеа да направат нешто лошо, и го сторија тоа во случајот со Франција. Всушност тоа беа механизми со барут, нешто како петарда, како пиротехнички материјал, го кажувам вака, за да може народот да сфати. Имаа за цел да предизвикаат последици во комуникацијата, тоа беа симболични постапки, кои секако се за осудување - изјави Никос Тоскас – министер за цивилна заштита на Грција (преземено од ТВ Стар).

Експлозивен механизам со 31 грам барут, детонатор, батерија, кабел и штипка содржеле пратките и до Шојбле и до ММФ според грчките медиуми. Останува енигма, како овие пратки ја поминале рендгенската контрола на атинскиот аеродром и од Грција стигнале до Париз и Берлин.

Под лупата на секторот за борба со тероризам на грчката полиција е Заговор на огнените јадра, организацијата која ја презеде одговорноста за пратката до Шојбле, но и која во ноември 2010та испрати дури 14 пратки со експлозивен материјал, а се поверојатно е дека и сега го прави истото. 

Датум на објава: петок, 17 март 2017 во 14:23
Сања Ристовска
Обновено во: 15:07

коментари

остави коментар