Скулптурите на Ангел Коруновски и платната на Глигор Васков се генеза, сублимација на денешното време, на нив конекција, флуид, идентичност  во мислата и интелектуалното, а различни во подрачјата на уметноста.

Десетгодишното дружење, размисли, набљудување, илузии, сомнежи, визии на двајцата уметници, вроди и доведе само по себе до овој целисходен проект, (заедничка изложба).

Тежнеењето и нивното творење е во естетичноста на самото дело. Тоа е стремеж да се разбере онтолошката структура на делото, независно од субјективноста на творецот или набљудувачот, …а сепак уметноста секогаш алудира на одредена стварност.

Тоа се всушност апстрактни претстави преку строга геометриска знаковност и поредок, мултиплицирани во структурни композиции.

Коруновски и Васков не бараат алиби во своите дела од надворешни поттици. Одделни опсервации или наслови на делата ќе откријат далечни или случајни совпаѓања и асоцијации, но очигледно е дека уметниците едноставно уживаат во парцелирањето, чистотата и херметичноста во скулптурата и платното со инспиративни слободни или геометриски форми – плохи во спонтаната визуелизација на внатрешните рефлексии.

Минималистичко, геометриско, знаковно и симболично овие дела се предадени само на набљудувачот, притоа отфрлувајќи ги коментарите од општеството, личните изрази, наративните елементи или алузии на историјата, политиката или религијата.

Базирано исклучиво на естетскиот карактер и фактор, без претенциозност, ограничувајќи го своето делување, Коруновски –  Васков го избираат манипулирањето на елементите како што се форма, текстура, линија, тонови.

Набљудувачот го перципира уметничкото дело без попречување  на композицијата, темата и останатите елементи на традиционалните уметности. Начинот на кој се претставени делата е воедно и само нивна стварност и тематика , но исто така и причина за самото „Постоење“.

Не се претендира на никаква друга симболика освен на тоа што може да се види на самото дело. Апстрактните односи помеѓу различните елементи треба да го наведат набљудувачот на размислување и воедно тоа е и самата срж на тематиката.

Заедничката изложба на скулпторот Коруновски и сликарот Васков можеби во иднина поттикнува една различна интеракција како целина, една сосема друга верзија во очите на набљудувачот во дадени време и простор.


Глигор Васков
Завршил Факултет за Ликовни уметности во Скопје на одделот за сликарство во класата на Ристо калчевски во 1991 година. Член е на Друштвото на Ликовни Уметници на Македонија од 1991. Има остварено единаесет самостојни и околу шеесет групни изложби, учесник на четириесет ликовни колонии во Македонија и странство. Добитник на пет ликовни награди. Работи во ДСТУ „Лазар Танев“ – Скопје, ДСГГУ „Здравко Цветковски“ – Скопје како професор по Ликовна уметност.

Ангел Коруновски
Завршил Факултет за Ликовни уметност во Скопје на катедрата по Скулптура во класата на Васил Василев во 2002 година. Магистрирал на истата катедра во 2011 година под менторство на Ибрахим Беди. Член е на Друштвото на Ликовни Уметници на Македонија од 2002. Има остварено неколку самостојни и околу четириесет групни изложби, учесник на дваесет ликовни колонии во Македонија и странство и од 2009 година е организатор на Ликовната колонија „Папрадишки Мајстори“ која што се одржува во Велес. Добитник на неколку ликовни награди. Автор е на триесетина скулптури од јавен карактер. Работи како слободен уметник во Велес.

Датум на објава: четврток, 16 март 2017 во 10:58
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар