Јован се родил пред две години со искривени стапала поради што не може нормално да оди. За да се оперира потребни се пари кои што Лазаровски ги немаат бидејќи освен паричен надомест за трето дете , други приходи речиси немаат. Со нив живее и мајката на Добре.

-Така со криви нозе се роди, се заоѓа, тој ми дал Господ, слабокрвен беше , во гипс му беа нозете една година, на две недели го носевме во Скопје, сега го подготвуваме за операција, изјави Василка Лазаровска, мајка на двегодишниот Јован.

- Куќа немам, слабо и храна имаме и Јован да го оздравиме, да собереме парични средства да може да се оперира, изјави Добре Лазаровски, татко на двегодишниот  Јован.

Јован, петгодишната Ангела и една година постарата Ивана, Лазаровски ги добиле по 16 години брак. Но, не се надевале дека ќе дочекаат децата многу често и гладни да заспиваат.

Татко им работи за дневница неколку пати месечно кога ќе го повика некој од селото да помага,  не примаат социјална помош, а од Нова година не ги добиваат ниту парите за туѓа нега за малиот Јован. Во април треба да го носат на Комисија во Скопје  за се провери дали има основ за продолжување на паричниот надомест од државата.

-Некогаш има храна и млеко, некогаш нема и ќе си легнат така без храна, некогаш се јаде, некогаш се трпи, сиромаштија е , кога имам пари јадат, кога нема трпат, изјави Добре Лазаровски, татко на малиот Јован.

За ова семејство кое што живее во супстандарни услови слушнале и во Црвениот крст .

-Вчера беше однесена првична помош како храна, облека,обувки, ќебиња,а  за тоа семејството ќе организираме  и хуманитарен турнир и средствата ќе бидат наменети за тоа семејство, изјави Марија Михајловска, волонтер во ОО Црвен крст на РМ.

52 годишниот Добре и 16 години помладата сопруга Василка апелираат  до сите хумани граѓани , организации, но и надлежни институции да им  помогнат , кој колку може, а најбитно им  е малиот Јован да застане на свои нозе.

Датум на објава: среда, 15 март 2017 во 14:26
Снежа Петковска
Обновено во: 15:25

коментари

остави коментар