Поетите за Канал 5 велат дека се повеќе од задоволни, а откриваат дека соработката со колеги од јужниот сосед продолжува.

Во поезијата на тројца македонски поети, прочитани на македонски, грчки и француски јазик уживаа посетителите на поетската вечер во францускиот институт во Солун. Владимир Мартиновски, Николина Андова Шопова и Ѓоко Здравевски со делови од нивните стихозбирки се претставија пред публиката, која одлично ги прими и уживаше во пријатната атмосфера.

„Имавме и презентација и од страна на грчкиот поет, критичар и уредник Јоргос Јанопулос кој се осврна за нашата поезија, направи и еден теоретски вовед. Потоа јас ја имав таа чест на француски да говорам и за колегите поети од Македонија. Имавме една многу убава атмосфера, многу убав прием на публиката.“ – вели Мартиновски за Kанал 5.

„Имаше и музика, Владимир е и музичар, така да малку отсвири и тамбура и кавал. Повеќе од задоволен сум, многу убав прием, многу убава атмосфера. Имаше и Македонци  што живеат и што работат тука и од нашиот конзулатот, имаше гости  и од францускиот културен центар, па и француски државјани. – раскажува поетот Ѓоко Здравевски

„Презадоволна сум. Навистина мислам дека направивме одлична вечер и приемот беше прекрасен мислам дека настанот ги надмина очекувањата, не очекував да има толку многу публика и толку добар прием.“  – коментира Николина Андова Шопова.

Професорот и поетот Мартиновски вели дека ова поетско читање е само уште една можност за подобрување на македонско-грчките односи.

„Mногу е битно таа комуникација книжевна и меѓукултурна  да функционира, да се запознаваме бидејќи имаме многу убави теми за разговор, имаме можност да се запознаеме меѓусебно и на тој начин во крајна линија да помогнеме во нормализирањето, ако може така да се каже, во подобрувањето на соседските односи. “ – коментира професорот и поетот Мартиновски.

Македонско-грчката поетска соработка продолжува со објавување на преведените песни на грчки јазик од нашите поети во грчкото списание за литература „Енекен“, во кое лани беа објавени делови од поезијата на македонскиот поет Влада Урошевиќ. 


Датум на објава: понеделник, 13 март 2017 во 14:26
Сања Ристовска
Обновено во: 15:36

коментари

остави коментар