Отстранет е дефектот во РЕК Битола и електраната сега работи со полн капацитет, изјави денеска генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски.

Според него, во најстудените денови, на 8, 9, 10 и 11 јануари, преку 80 отсто од потребите земјава ги задоволи од домашно производство.

- И покрај временските прилики, успеавме навреме да ги испорачаме потребните количини електрична енергија. Граѓаните не треба да се грижат, така ќе биде и во наредните денови. На 8 јануари, во неделата, кога беше најстудено, и до -30, целокупниот конзум во 78 проценти беше задоволен од домашно производство, на 9 и 10 јануари 91 процент беше од домашните капацитети, а вчера 82 отсто, нагласи Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања, рече дека заклучно со денеска за увоз на енергија се потрошени два милиона евра, но финансискиот кусок ќе биде многу помал.

- Прогнозите се оптимистички, дека во следните неколку дена температурата ќе се искачи над нулата. Тоа влева надеж дека конзумот ќе падне, а со тоа и стабилноста на системот ќе се зголеми, напомена Мицкоски.

Претстои, додаде, поволен период зашто снегот што се топи ќе ја намали цената на струјата во регионот. Ќе има многу евтина енергија напролет, почнувајќи од март. - Во секој случај, приоритет на ЕЛЕМ останува интересот на граѓаните и снабдувањето со струја, потенцира Мицкоски.

Увозот на струја засега не се реализира преку Грција и Бугарија, туку единствено преку Србија. Состојбите се следат 24 часа, а најавеното зголемување на температурите се очекува да ја подобри ситуацијата, меѓу другото, и соседните систем-оператори, грчкиот и бугарскиот, да го вратат транзитот на енергија од нивните земји преку Македонија.

- Вчера физичките номинации Грција ги сопре спрема Македонија, истото ќе го направи и Бугарија од вечер во 24 часот. Од три напојни точки, останавме само со една, Србија, но благодарение на вработените во ЕЛЕМ и оние што на -30 успеаја да ја стават во функција РЕК Битола, ги обезбедивме целокупните количини потребни за граѓаните и сите тарифни потрошувачи само од домашно производство, односно колку што е можно го намаливме увозот, информира директорот.

Осврнувајќи се на ситуацијата во регионот, рече дека нуклеарната централа во Чешка, иако сериозен производен капацитет, не успеа да се синхронизира на време, а истото се случи и со нуклеарната централа во Унгарија. Капацитетот во Бугарија, кој е еквивалент на РЕК Битола, е надвор од употреба, електраната во Босна исто така. - Физичкиот проток на енергија од Австрија кон Унгарија се намали од 300 на 100 мегавати, хидрологијата е на историски минимум во последните десет години, нагласи Мицкоски.

Во врска со обвинувањата на СДСМ, Мицкоски рече дека со опозицијата разговараат на различен јазик. - Остануваме фокусирани на справувањето со состојбите и нема да коментираме небулозни тврдења кои немаат никаква научна и техничка логика. Отворени сме за секакви конструктивни предлози, но досега такви нема, посочи директорот на ЕЛЕМ. /МИА

Датум на објава: четврток, 12 јануари 2017 во 12:03
www.kanal5.com.mk
Обновено во: 13:34

коментари

остави коментар