Барак Обама го затвори кругот онаму каде што се почна, во Чикаго, градот  каде што ги одржа двата победнички говора. Со тоа, стана првиот претседател во историјата од нацијата не се збогувал од Вашингтон. А, историјата ќе покаже, дали првиот Афроамериканец во Белата куќа навистина успеал. Убеден е дека Америка денес е подобро место за живеење од пред осум години. Земјата ја презеде во најтешкиот момент уште од времето на Рузвелт, кога економскиот џин ја живееше најголемата рецесија по Големата депресија и водеше две незавршени војни.

- Ако ви кажев пред осум години дека ќе отвориме ново поглавје со Куба, дека ќе ја запреме нуклеарната програма на Иран без истрелан куршум и дека ќе го елиминираме мозокот од 11 септември, можеби ќе кажевте дека целите ни се превисоки. Но, ние успеавме, оцени Барак Обама, претседател на САД.

Шанса за успех за девет дена ќе има и Доналд Трамп, кој веќе најави дека ќе ревидира дел од наследството на Обама. Прва политичка жртва се смета можеби и најголемиот проект на актуелниот претседател Обамакер, со кој 20 милиони Американци добија здравствено осигурување. Затоа и не чуди синоќешната порака на 55-годишниот лидер дека демократијата е пред сериозен тест. Пред околу 18 илјади луѓе јавно му заблагодари на семејството, свесен за товарот што го носеле два мандата и реално без ниту една црна дамка на себе. 

- Ја презеде улогата што не ја бараше и се носеше достоинствено, со стил и со добар хумор, изјави Обама за својата сопруга која беше пред бината.

Обама ќе ја напушти Белата куќа на 20-ти јануари, кога ќе биде инаугуириран Доналд Трамп. На церемонијата се очекува да присуствуваат 900 илјади луѓе.



Датум на објава: среда, 11 јануари 2017 во 13:59
Гоце Герасимовски
Обновено во: 14:37

коментари

остави коментар