Целосната неподготвеност на грчките власти за студеното време во комбинација со снежната бура резултираа лицата сместени во кампот Морија да живеат во шатори покриени со снег, без греење и без основни улови. Откако во грчките медиуми се појави видео снимено од бегалец кој живее во прифатниот центар Морија и кој со мобилниот телефон ја отслика ситуацијата и мизерните услови, откако се појавија реакции за неподготвеноста на владата за да им обезбеди достоен живот на барателите на азил во Грција, од кабинетот на грчкиот премиер соопштија дека брод од воената морнарица ќе биде испратен на Лезбос.

„Откако премиерот Алексис Ципрас контактираше со министерот за миграциска политика Јанис Музалас и со министерот за одбрана Панос Каменос, беше одлучено веднаш да се испрати на Лезбос брод на воената морнарица, за да ги згрижи бегалците и мигрантите кои се соочени со лошите временски услови“ – соопштуваат од кабинетот на Ципрас.

Вчера пак, како што соопштија од УНХЦР, со нивно посредство и во соработка со невладини организации, 130 баратели на азил, бремени жени, бебиња, лица со сериозни здравствени проблеми, самохрани мајки и слично од шаторите ќе бидат префрлени во хотели.

Грчкиот остров Лезбос е еден од најпогодените од бегалската криза. Во прифатните центри низ целиот остров, сместени се 5447 бегалци и мигранти во кампови со капацитет не поголем од 3500 лица. 

Датум на објава: среда, 11 јануари 2017 во 13:14
Сања Ристовска

коментари

остави коментар