По апсењето на една од основачите и лидерите на анархистичко – терористичката организација „Револуционерна борба“, грчката полиција при претресот на нејзиниот стан, најде каталог со имиња.  Ципрас, Мицотакис, Самарас, Венизелос, Пападимос се само дел од оние кои биле запишани во тефтерот на Рупа. Според грчките медиуми, терористите деноноќно ги следеле движењата на актуелниот претстедател на Неа димократија, Кирјакос Мицотакис и на неговиот претходник и поранешен премиер Андонис Самарас.

Во белешките на Рупа биле запишани адресите на канцелариите и местата на живеење, регистарските таблици како и времето кога Мицотакис и Самарас излегувале од дома и стигнувале на работните места. Овие информации како и деталите од истрагата, министерот за цивилна заштита, лично преку телефонски разговор им ги соопштил на актуелниот и поранешниот лидер на опозициската партија. Додека пак, според информациите во грчките медиуми, претставници на грчката полиција го посетиле седиштето на Неа димократија, за да разговараат со одговорните за безбедност во канцелариите на партијата.

Во обид да ја смири ситуацијата, министерот за цивилна заштита, Никос Тоскас, говорејќи за радиото Алфа, рече дека се пронајдени белешки со имиња на политичари, но тоа не значи дека треба да создава голема загриженост.

Во јануари 2013 со неколку истрели организацијата „Група на народни борци“ ги нападна централните канцеларии на Неа димократија, а еден куршум беше пронајден во канцеларијата на тогашниот премиер Андонис Самарас.

Освен имињата на Ципрас, Мицотакис, Самарас, Венизелос и Пападимос, во тефтерот на Рупа биле вклучени и околу 50 грчки јавни личности.

Датум на објава: среда, 11 јануари 2017 во 11:57
Сања Ристовска

коментари

остави коментар