Американскиот претседател во заминување Барак Обама синоќа го одржа својот проштален говор пред напуштањето на функцијата за девет дена.

Тој се обрати во Чикаго, градот каде што ги одржа двата свои победнички говора пред четири, односно осум години, со што стана првиот претседател во историјата што не се збогувал од јавноста во Вашинтон.

Во емотивниот говор, пред околу 20 илјади луѓе, тој ги повика Американците да не ја губат вербата во иднината, и кога водењето на земјата ќе го преземе неговиот наследник Доналд Трамп.

- Борете се за својата демократија, зашто демократијата е загрозена секогаш кога ја земаме здраво за готовор, рече 55-годишниот Обама.

За свој најголем успех, ги посочи ликвидацијата на Бин Ладен, затоплувањето на односите со Куба и правото за здравствено осигурување за 20 милиони Американци. Заминува со релативно добар рејтинг од околу 57 проценти, иако две третини од Американците изјавиле дека тој не исполнил голем дел од ветувањата. На 20-ти јануари, Обама и официјално ќе му ја предаде функцијата на Трамп.



Датум на објава: среда, 11 јануари 2017 во 09:21
www.kanal5.com.mk
Обновено во: 11:22

коментари

остави коментар