Василики Теодору смета дека барањето на Анкара е законски неприфатливо, но и доколку има некаква законска основа, повторно не треба да бидат екстрадирани, бидејќи постои опасност да бидат изложени на тортура.

„Ако бидат екстрадирани постои ризик дека нема да имаат фер судење, би биле изложени на тортура, на нехуман и понижувачки третман.“- рекла обвинителката Теодору во нејзиното објаснување, потенцирајќи дека барањето на Турција е неодредено, без конкретен опис на делата за кои се обвинети војниците. Таа во нејзиното излагање, за да го поткрепи нејзиниот став за пример ги земала апсењата на новинари, функционери и државни службеници во Турција, а ја споменала и можноста одново да се воведе смртна казна.

Двајцата турски војници, пак, кои денеска се појавија пред Врховниот суд ги пренесоа нивните ставови и искуства.

„Без никакво оправдување, мојата сопруга, брат ми и неговата сопруга беа отстранети од нивните работни места. Нашите банкарски сметки и имоти ни се конфискувани. Дојдовме во Грција за да си ги спасиме животите, а ни велат дека сме предавници. “ – рекол, според грчките медиуми едниот од војниците кој открил дека во турските затвори постоела тортура врз неговите колеги, а имало и самоубиства.

„На моите деца во училиште им велат дека сум предавник. Човекови права во Турција не постојат. Загрижен сум за иднината на моите деца.“ – рекол вториот турски војник.

Случајот со војниците најпрво го разгледуваше грчкиот апелационен суд, кој како што веќе објави Канал 5 минатиот месец, донесе две различни одлуки: екстрадиција за 3 турски војници, а останатите 5 да не бидат екстрадирани.

По барање на адвокатите на војниците, предметите стигнаа до грчкиот Врховен суд. Во текот на следните денови пред судот ќе бидат изнесени и останатите 6 турски војници, додека пак конечната одлука за сите војници кои само 1 ден од неуспешниот обид за пуч во Турција, со воен хеликоптер пристигнаа во грчкиот град Александруполи и побараа азил, ќе биде донесена на 23 јануари.

Сепак, последниот збор ќе го има министерот за правда. Во случај Врховниот суд да рече не за екстрадиција, министерот може да донесе спротивна одлука, но и ако судот даде зелено светло за екстрадиција, министерот да не дозволи војниците  да бидат вратени во Турција. 

Датум на објава: вторник, 10 јануари 2017 во 16:03
Сања Ристовска

коментари

остави коментар