Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Дарко Димитров ја презентираше новата промотивна кампања за Еразмус плус програмата, која ќе трае до крајот на декември 2016 година.

- Република Македонија имаше на располагање речиси 5 милиони евра од Европската комисија од фондовите за Еразмус плус во 2016 година. Досега, се обврзани 93 отсто, но во тек се постапки на потпишување на договори за грант, како и прием и евалуација на проекти од последниот рок за програмата за 2016 година. Со завршување на овие активности очекуваме искористеност на средствата од над 97 отсто, рече Димитров.

На новинарско прашање Димитров појасни дека станува збор за последен повик од оваа година наменет за областа млади каде НВО и младинските организации имаат рок до октомври да аплицираат за овие средства. Во однос на приоритетите Македонија како полноправна членка на Еразмус плус програмата ги следи европските приоритети кои се совпаѓаат со нашите национални приоритети, а тоа се стручното образование и обука и високото образование, односно најголем дел од средтсвата одат кај универзитетитети (државни и приватни), а по нив се средните стручни училишта.

- Просечно годишно околу 200 студенти  заминуваат на мобилност во странство. Оваа бројка варира во зависност од желбата на стуидентите колку време ќе се студираат надвор од РМ бидејќи за тоа имаат избор од три месеци до една година, вели Димитров.

Тој информира дека со сите доделени грантови, до овој момент, се опфатени 93 институции меѓу кои универзитети, училишта, младински невладини организации и компании. Со новата кампања ќе се презентира работата на Националната агенција, добрите практики од успешно реализирани проекти и отворените можности за Македонија преку целосното учество во програмата Еразмус плус. Кампањата ќе се реализира во Скопје, Штип, Битола, Дојран, Крива Паланка и Струга каде ќе се одржат Инфо денови, како и во Прилеп и Велес, каде инфо деновите ќе се организираат во соработка со локалните самоуправи.

Во рамките на кампањата, појасни Димитров, ќе биде организирана и Валоризациона конференција со презентации на успешни проекти од Еразмус плус. Исто така, ќе се одржат и информативни работилници во соработка со стопанските комори во Тетово и Скопје.

Оваа година, ЕУ прославува 20 години постоење на волонтерскиот сервис. По тој повод, Националната агенција ќе организира обуки за волонтери и годишен настан посветен на Европскиот ден на волонтерството – 5-ти Декември, како и ЕКВЕТ конференција во Скопје во насока на подигнување на свесноста и интегрирање на Република Македонија во европските текови во стручното образование.

Димитров информира дека во тек е потпишување дополнителен амандман на договорот помеѓу Европската комисија и Националната агенција, со што ќе се обезбедат дополнителни 375.160 евра за финансирање на 19 грантови за училиштата и нивите активности.

- Тоа што нас во Националната агенција особено не радува е тоа што Еразмус плус стана синоним за квалитет во образованието, предзнак за мобилност која генерира знаење и можност за создавање професионални мрежи за меѓународна соработка, нагласи Димиров.

Заменик министерот Ристовски и Димитров ги повикаа сите организации кои дејствуваат на полето на младите да аплицираат со квалитетни предлог проекти во Националната агенција најдоцна до 4-ти октомври 2016 година.

Повикот за средства за Еразмус плус програмата за 2017 година ќе биде објавен на крајот од 2016 година. 



Датум на објава: недела, 18 септември 2016 во 15:06
www.kanal5.com.mk
Обновено во: 15:10

коментари

остави коментар