Станува збор за повратници од боиштата во Ирак и во Сирија кои подолго време биле следени од македонската полиција.

Се трага по уште тројца членови на злогласената организација, од кои двајца се уште се на фронтовите на Блискиот Исток.

Надлежниот јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истрага за седум лица, припадници на ИСИС. Јавното обвинителство до судијата на претходна постапка при Кривичниот суд предложи на осомничените да им се определи мерка притвор во траење од 30 дена.

На осомничените им се става на товар кривично дело – терористичка организација.

Од извршените претреси досега пронајдени и одземени се компјутери, мобилни телефони, усб мемории, ЦД дискови и патни исправи.

Оваа акција е продолжение од операцијата Ќелија. Во првиот дел од акцијата која беше спроведена во август минатата година беа уапсени единасесет лица поврзани со регрутација и логистика за странски терористички организации,кои ја признаа вината и добија затворски казни.

На неодамнешната средба на првите луѓе задолжени за надворешната и за внатрешната безбедност на земјава, Претседателот Ѓорѓе Иванов и Министерот за внатрешни работи Митко Чавков разговараа за актуелните теми за безбедноста поврзани со мигрантската криза. Претседателот на средбата истакна дека минимум 600 џихадисти кои ги искористиле мигрантските бранови се моментално на Балканот. Тој истакна дека иако состојбата е сериозна во цела Европа, македонската полиција и армијата, заедно со странските полициски служби успешно ги спречуваат и следат обидите за влез на мигранти во државата.

Во полициска акција во Холандија вчера беа уапсени две лица, за кои постои сомнеж дека ја обезбедиле муницијата за извршување на двата терористички напади кои се случија во Брисел и во Париз.

Датум на објава: сабота, 09 јули 2016 во 16:55
Михаела Димовска
Обновено во: 18:29

коментари

остави коментар