Откако селекторот Игор Ангеловски реши да го ослободи од обврските голгетерот на Палермо, Александар Трајковски, најверојатно на утрешниот меч шанса во нападот покрај Пандев ќе добие и Иван Тричковски.

- Се работи за незгоден противник. Иако е пријателски меч, сепак во него треба да влеземе како да се работи за квалификациски дуел и одново да се радуваме на позитивен резултат. Само така може да го одржиме позитивниот тренд кој го имаме на ФИФА ранг-листата, изјави Тричковски.

Македонија четири меча во низа е без пораз, па поради тоа црвено-жолтите во последните седум месеци има напредок на ФИФА ранг-листата, дури до 81-та позиција.

Нема да биде лесно, за тоа е свесен е и младиот вардаров одбранбен фудбалер, Висар Муслиу, кој сепак е оптимист и верува дека може да се совладаат Норвежаните.

-Знаеме дека Норвешка е многу незгоден противник, со цврста дуел игра и агресивни се на секој дел од теренот. Треба да го наметнеме нашиот стил на игра и да одиме на победа, изјави Муслиу.

Пријателскиот натпревар меѓу Македонија и Норвешка ќе се игра утре на Националната арена „Филип Втори“, а почетокот на мечот е во терминот од 18 часот и 30 минути. /МИА

Датум на објава: петок, 10 ноември 2017 во 17:59
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар