Дарко Станиќ беше виден неколкупати во Скопје, а тој вели дека секогаш со задоволство го посетува главниот град на Македонија.

- Во последните два месеци бев во Скопје петпати, но сето тоа беше од приватни причини. Се видов и со Сергеј Самсоненко. Разговаравме на многу теми и на приватен и на професионален план. Падна разговор и на тема Вардар. И тој и јас имаме многу идеи што и како би требало да биде. Меѓутоа сето тоа беше само разговор. Немам ништо потпишано, вели Станиќ во интервјуто за „24 ракомет“.

Станиќ во моментов е без ангажман, откако ракометот во Катар влезе во проблеми.

- Проблемите во коишто е Катар и спортот во оваа земја придонесоа да ја завршам соработката со Ел Џаиш. При крај сум со кариерата и не сакам на сила да одам некаде. Професионалниот живот со ракометот остава простор од едвај еден месец во годината, па сега малку се посветив на ова. Тоа не значи дека доколку се појави добра понуда нема да можам за неколку дена да влезам во тренажен процес, вели српскиот голман, кој како член на Металург ги собра симпатиите на македонските навивачи.

Откако беше потврдено дека Арпад Штербик по завршувањето на тековната сезона ќе замине од Вардар, се почести се шпекулациите за враќање на Станиќ во Македонија и тоа во редовите на Вардар. 

Датум на објава: четврток, 09 ноември 2017 во 21:59
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар