Уште пред заминувањето на Нејмар во Париз Сен Жермен, трансфер вреден 222 милиони евра, шпанскиот гигант беше заиинтересиран за 25-годишниот Кутињо, а по трансферот сега е само прашање на време кога тој ќе пристигне на „Камп Ноу“.

Барселона веќе испрати свои претставници во Англија, кои треба да го договорат трансферот, кој според „ЕСПН Депортес“, каталонската екипа е подготвена да ја плати сумата од 90 милиони евра, а со дополнителни бонуси вкупната вредност на договорот може да достигне до 120 милиони евра.

Претходно, менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп изјави дека Барселона „не треба да троши енергија и време“ за ангажман на Кутињо, тврдејќи дека играчот не е за продажба. Но, Бразилецот остана надвор од составот на Ливерпул во пријателскиот меч против Атлетик Билбао одигран во Даблин.

Кутињо веќе има искуство со настап во Ла Лига и тоа во градот Барселона, но како член на Еспањол за кој настапуваше шест месеци како позајмен играч во 2012 година.

Кутињо во Ливерпул дојде во јануари 2013 година за само 8,5 милиони фунти, а досега за англискиот клуб настапи на 182 натпревари и постигна 42 гола. /МИА

Датум на објава: четврток, 10 август 2017 во 11:41
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар