Првиот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, Андон Дончевски кој долги години живее во Австралија, секако не ја пропушти можноста да биде дел од спектакуларниот настан. На покана на Фудбалската федерација на Македонија, Дончевски беше дел од присутните кои присуствуваа на гала вечерта.

Она што за Македонија е популарниот „чичко Дончо“, за Англија е Сер Алекс Фергусон легендарниот тренер на Манчестер Јунајтед. Искусните „лисци“ сигурно имаа што да разменат од своето богато тренерско минато, но и да ги искажат очекувањата за претстојниот меч. Во нивно друштво беше и легендарниот голгетер на „Кралскиот клуб“ Раул Гонзалез кој со својот поранешен соиграч Роберто Карлос се во улога на специјални известувачи за клупската телевизија на Реал Мадрид.

Сите тие вечерва од 20:45 часот ќе бидат присутни меѓу 30-те илјади „среќници“ на арената „Филип Втори“ кои во живо ќе може да го следат мечот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед во борба за трофејот на УЕФА Супер купот. /МИА

Датум на објава: вторник, 08 август 2017 во 13:32
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар