Откако избраниците на селекторот Мирко Петрески вчера загубија со 55:65, денеска во вториот контролен меч против Полјаците успеаја да им се реваншираат и да забележат победа со 63:54 по четвртини 13-15, 18-11, 21-8 и 11-20.

Откако првиот период Полјаците го добија со 2 поени разлика, во вториот нашите младинци заиграа далеку подобро и на полувремето заминаа со предност од 31-26. Одличниот старт на второто полувреме во кое црвено-жолтите направија серија од 12:0 се покажа како решавачка за конечниот резултат на мечот кој на крајот гласеше 63:54 за Македонија.

Овие два меча како и следните два со Романија во вторник и среда, се дел од подготовките за настап на Европскиот шампионат кој кон крајот на месецов ќе се одржи во Ородеа, Романија.

И претстојните два дуели со Романија ќе се играат во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ во термините од 18 часот, а влезот за ќе биде слободен. /МИА

коментари

остави коментар