„Се надеваме дека им ставивме крај на уморните и скапи домашни натпревари во други градови. Ова е една од најважните битки во борбата за опстанок, па поддршката од публиката ќе е витална! Со нашата макотрпна работа за оспособување на овој терен, кој претходно не исполнуваше услови за играње натпревари од Првата лига, успеавме да добиеме дозвола од ФФМ за играње и со тоа да овозможиме прилепските фанови почнувајќи од оваа сабота да гледаат прволигашки дуели во Прилеп. Но, односот на навивачите и публиката ќе биде бурно следен од официјалните лица и не смееме во ниеден момент да паднеме на тестот за добри домаќини. Апсолутно непотребни и непожелни се непристојни однесувања на трибините и околу стадионот, затоа што со тоа може да нанесеме штета единствено на клубот, кој се бори за опстанок во оваа прва сезона како прволигаш по осум години. Поставивме 1.000 седишта и има простор за стоење за 500 гледачи, што е доволно за останатите прволигаши низ Македонија, но не и за поддржувачите на ФК Победа“, вели Гоце Ингилизов, Претседател на ФК Победа Прилеп.

Ингилизов додава дека интересот за овој натпревар бил голем, па затоа ги повикувале сите оние кои ќе сакаат да го следат овој дуел, да дојдат еден час пред почетокот, за да можат навремено да се обезбедат со влезница (која ќе чини симболични 100денари), затоа што влезовите ќе бидат контролирани и несмее да има повеќе гледачи од бројот на столчиња.

„Ова е голем тест за нас како домаќини и мора да го „положиме“, затоа што ФК Победа е поголема и повредна од сите нас“, додава Ингилизов. 

Датум на објава: петок, 17 март 2017 во 13:53
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар