Вечерашната понуда ја сочинуваат три натпревари.

Програмата ќе ја отворат Њујорк и Бостон со натпреварот од 18 часот, по македонско време, за веднаш потоа да следува големото дерби меѓу Кливленд и Голден Стејт, што практично е репризата на минатогодишното финале.

Ова ќе биде и прв овосезонски дуел на екипите кои минатата сезона одиграа максимални седум натпревари во борбата за шампионскиот трофеј, по која на крајот се радуваа кошаркарите на Клувленд.

Дуелот на Леброн Џејмс, Кајри Ирвинг и Кевин Лав наспроте Стивен Кари, Кевин Дурант и Клеј Томсон, гарантира вистинско уживање и атрактивни потеци, па дури и за најпребирливите вљубеници во кошаркарската игра.

Актуелниот шампион Кливленд ќе се обиде да ја продолжи перфектната традиција на успешни настапи пред својата публика кога се во прашање натпреварите на Божик. Имено, Кливленд досега има одиграно пет натпревари на свој терен и сите ги има решено во своја корист.

Од другата страна, составот на Голден Стејт со скор од 27 победи и само четири порази е најдобрата екипа во досегашниот тек од шампионатот. „Воините“ се надеваат дека да ја продолжат серијата од седум победи во низа или 11 на последните 12 одиграни натпревари.

Каков ќе биде исходот од дуелот на најголемите фаворити за шампионскиот тројеф и годинава, останова да се види по одигрувањето на мечот кој ќе започне во терминот од 20:30 часот, по македонско време.

Во последниот натпревар од божиќната програма (23 часот) Сан Антонио ќе го пречека тимот на Чикаго. /МИА

Датум на објава: недела, 25 декември 2016 во 13:48
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар