На средбата одиграна синоќа во Куманово, двете екипи имаа свој период на игра. Првиот и третиот ги добија гостите, додека во вториот и четвртиот подобри беа домаќините (резултат по четвртини 15:20, 22:14, 14:23 и 23:17), па во таква израмнета игра регуларниот дел заврши без победник 74-74. Во продолжението повеќе среќа и нерви имаа домаќините кои ги добија дополнителните пет минути со 12:9, па со конечни 86-83 заслужено славеа победа.

Данило Мијатовиќ со „дабл-дабл“ улинок од 28 поани и 11 скокови беше најефикасниот кошаркар на Куманово, а воедно и на натпреварот. Во редовите на Работнички, Ѓорѓи чековски постигна 19 поени, додека еден помалку (18) уфрли Ненад Мишановиќ.

На натпреварот во Кавадарци, екипата на Фени Индустри со триумфот над Кожув со 88-82, ја впишаа седмата првенствена победа во која Србинот, Матија Чешковиќ и Грузиецот, Гиорги Шарабизе постигнаа по 19 поени.

Со кошот на Американецот, Хоукинс Фил на две секунди пред крајот екипата на Пелистер пред својата публика во Битола го совлада АВ Охрид со 72-70.

Во последниот натпревар Струмица како гостин во Скопје го совлада Вардар убедливо со 93-62 и на црвено-црните им го нанесе осмиот пораз во исто толкуте одиграни натпревари.

Табела: Работнички 7-1 (победи-порази), Фени Индустри 7-1, Куманово 6-2, Кожув 4-4, Струмица 3-5, Пелистер 3-5, АВ Охрид 2-6, Вардар 0-8.

Во првенството следува пауза се до 21 јануари 2017 година, за кога се закажани натпреварите од деветото коло. /МИА

Датум на објава: недела, 25 декември 2016 во 10:16
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар