1005
0
Нема шанси за добивање економски азил во Белгија
Нема закани по визната либерализација за државава. Како резултат на експресната реакција од македонските власти и успешната соработка со белгиската влада азилантскиот бран ќе се стопира. Жртвите на манипулацијата од кумановско - липковскиот регион нема да добијат ниту политички ниту пак економски азил во Белгија ,иако биле изложени на дополнителни трошоци за патувањето. Ова е пораката која белгискиот државен секретар за имиграција и азил Мелкиор Ватле денеска ја пренесе на градоначалникот на Липково. Решението не е во барање азил во друга држава туку во инвестирање и економски развој на регионот изјави Ватле.
Белгискиот секретар повторно потенцираше дека македонските државјани можат да ја посетат Белгија само како туристи,а не како баратели на азил.
Градоначалникот Садула Дураку на гостинот му се пожали дека досега во Липково не е инвестиран ниту денар .Сиромаштијата И економската неразвиеност биле причините за заминувањето на печалба во странство.
-Го запознав државниот секретар дека досега во Република Македонија ниту една влада не инвестираше во липковскиот регион. Се надевам дека владата но и европската унија ќе почнат да размислуваат за побрзо инвестирање во оваа општина, рече Дураку.
На средбата во Липково присуствуваа и вицепремиерот за имплементација на охридскиот рамковен договор Абдулаќим Адеми и министерот за труд и социјална политика Џелал Бајрами. По посетата на општината не се оствари најавената средба со жителите од неколку липковски села.
09.03.2010, 11:23