Астрономите откриле планети лесни како шеќерна волна

Нема планети во нашиот Сончев систем кои се сосема слични, но научниците сепак можат грубо да ги категоризираат.

Значи, имаме карпести како Земја, Венера, Меркур и Марс; гасовити гиганти Сатурн и Јупитер; мразни Нептун и Уран и џуџести планети, како Плутон и Сереа.

Колку и да е различна оваа група, астрономите неодамна детално анализирале една новооткриена категорија на планети што постојат во вселената - супер-пуф планети.

Од сите егзопланети што се откриени досега, само неколку, помалку од 15, се воздушни. Астрономите изучувале три млади проѕирни планети кои орбитираат околу sвезда оддалечена околу 2.600 светлосни години. Овие планети се скоро големи како нашата најголема планета Јупитер, но имаат помалку од 1% од нејзината маса.

Ова значи дека тие имаат неверојатно мала густина; тие се толку лесни што астрономите ги споредувале со волна од шеќер, пишува Science Alert.

Трите споменати проѕирни планети орбитираат околу sвездата Кеплер 51. Тие биле откриени во 2012 година, но дури во 2014 година била забележана нивната невообичаено мала густина. И сега научниците, користејќи го вселенскиот телескоп Хабл, откриле што се случува во атмосферата на вакви необични планети.

Астрономите извесно време го анализирале атмосферскиот состав на планетите околу Кеплер 51 б и Кеплер 51 д, а кога ги добиле конечните резултати, сфатиле дека атмосферата е скриена од непроѕирен слој сместен на големи надморски височини на овие планети.

"Веднаш не сфативме што се случува. Очекувавме да пронајдеме вода, но на крајот не можевме да откриеме трага од која било молекула", изјави планетарната научничка Џесика Либи-Робертс од Универзитетот во Колорадо, Болдер.

Одговорот се барал во компјутерски модели, односно во симулации кои покажаа какви атмосферски услови се можни на проѕирни планети покриени со непроѕирен слој со голема густина . Резултатите укажаа на атмосфера од водород и хелиум, а на голема надморска височина со метан.

Научниците откриле и дека овој вид планети многу брзо ја губи атмосферата, поради што веројатно проѕирните планети се толку ретки.

Бидејќи планетите околу sвездата Кеплер 51 се во раната фаза на развој, можеби оваа состојба во која потсетуваат на волна од шеќер е само привремена и подоцна ќе станат мини Нептун, најчестиот вид планета во галаксијата, а изненадувачки е што ги нема во нашиот Сончев систем.

Истражување The Featureless Transmission Spectra of Two Super-Puff Planets bit ќе биде објавено во Astronomical Journal.

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Единаесет лица се повредени во сообраќајка на бугарски автобус во Турција

Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.

Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.

На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.

Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници. /МИА

Сообраќајот тековно и без застои

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 01.04.2024 е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.

притисни ентер